Обвинувања за милионски шеми во Петрич
Пратеникот Бране Петрушевски упати остри обвинувања за милионски шеми во Петрич кон Венко Филипче, обвинувајќи го за тајни зделки, бугаризација и лицемерие. Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски немаат никакви врски со такви бизниси и дека единствената вистина е дека народот останал со празни џебови додека, како што рече, се трупале милиони.
„Вечерва Венко Филипче, пред 30-тина луѓе во мала сала во Кисела Вода, потрошил голем дел од својот говор за да ме навредува. Редно е да одговорам,“ напиша Бране Петрушевски.
Тој нагласи дека токму Филипче нема право да зборува за „лажење“ и „бугаризација“:
„Венко, најмалку ти имаш право кој било да го обвинуваш за ‘лажење’ и ‘бугаризација’. Јас немам бугарски пасош, немам фирми во Бугарија и немам тајни зделки зад грбот на народот.“
„Каде завршија 9 милиони евра од јагленот за РЕК Битола?“
Петрушевски продолжи со серија конкретни прашања кон Филипче, поврзани со, како што рече, милионски шеми во Петрич.
„Ајде еднаш биди искрен и признај дека токму ти си синоним за милионски шеми со фирми во Петрич, заедно со браќата! Не мора на мене, туку на јавноста дај и одговори,“ порача тој.
„Каде завршија 9 милиони евра од јагленот за РЕК Битола? Зошто на иста адреса во Петрич се појавуваат фирми на твоето семејство и на Вице Заев? Дали тие пари завршуваа во ваши фотоволтаични централи, додека народот го оставивте да плаќа скапа струја? Дали преку бугарски фирми финансирате бизниси по светот, додека Македонија ја потонавте во сиромаштија?“
Тој додаде дека обвинувањата кон него и Мицкоски се целосно лажни:
„Не лажи дека јас или Христијан Мицкоски имаме такви врски. Ние немаме ниту бугарски пасоши, ниту скриени фирми. Ние имаме чесна и чиста биографија.“
Во завршниот дел од реакцијата, Петрушевски порача:
„Доста е од лицемерието Венко! На народот му е јасно дека додека си трупавте милиони преку Бугарија, граѓаните останаа со празни џебови.“