Едно од можните објаснувања за брзината на ширењето на пожарот, според експертите, е и концентрацијата на чист кислород во ковид болницата.
Материјалите горат од една искра или мал пламен, доколку се во средина, атмосфера од збогатен кислород, велат експертите. Според нив, пожарот во Тетово, односно неговата брзина и реакција не можела да се случи во атмосфера со обичен, нормален воздух. Оттука, истрагата треба да даде одговор и на тоа дали имало грешки во ракувањето со кислородот во ковид болницата во Тетово, анализира МКД.мк.
Она што е исто така интересно е дека доводот на кислородот и инсталацијата за него не била дел од тендерот за 19-те модуларни болници. Набавката, инсталацијата на кислородот и одржувањето е обврска на болницата во чиј склоп е модуларната болница, ни одговорија од Министерството за здравство.