Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вечерва упати апел до граѓаните да бидат особено внимателни и да не предизвикуваат пожари, посочувајќи дека состојбата со пожарите на отворен простор и понатаму е алармантна.
Во видео порака од опожарен терен, на кој се гледаат само пепел и прашина, Ангелов предупреди дека една искра може да предизвика голема катастрофа.
„Да не бил некој добар, но невнимателен човек, или некој лош, но злонамерен нечовек, оваа трева, грмушки и трње немаше да бидат пеплосани и црни. Ќе беа зелени и живи. Затоа внимавајте да не предизвикате пожар. Доволна е искра за вистинска катастрофа“, изјави Ангелов.
Тој претходно денеска информираше дека во моментов се активни шест пожари низ државата, но оцени дека состојбата останува алармантна ако се има предвид бројот на пожари регистрирани во текот на вчерашниот ден.
Во четвртокот биле регистрирани дури 27 пожари на отворен простор, што според Ангелов е дополнителна причина за внимателност во периодот кога ризикот од ширење на огнот е висок.
Еден од пожарите со кои денеска се справуваа надлежните е пожарот на Жеден, во Општина Јажинце. Во неговото гаснење биле ангажирани трите „ер трактори“ на ДЗС.
Ангелов од местото на пожарот претходно објасни дека огнот зафатил исклучително стрмен терен со густи грмушки, поради што движењето низ теренот е отежнато и пожарникарите не можат директно да дејствуваат.
Поради тоа, трите „ер трактори“ дејствувале концентрирано на неколку точки, со цел да го пресечат пожарот и да спречат негово понатамошно ширење.
„На тој начин ќе воспоставиме делумна контрола, а можеме до крајот на денот и целосна контрола на овој тежок за гаснење пожар“, изјави Ангелов.
Директорот на ДЗС упати и благодарност до тројцата пилоти на Дирекцијата, кои секојдневно учествуваат во гаснењето на пожарите и, како што нагласи, пожртвувано летаат ниско над огнените жаришта за да помогнат во справувањето со огнената стихија.
