Агенцијата за управување со одземен имот успешно ја спроведе и реализира продажбата на вкупно три одземени недвижности од поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков согласно правосилната пресуда за случајот „Империја“.
– Станува збор за три недвижности кои согласно правосилната судска предуда КОК – ПП бр. 283/2022 се одземени од Сашо Мијалков. Реализираните парични средства од продажбата ќе го зголемат државниот буџет во вкупен износ од 15.000.500 денари или 244 000 евра, информираат од Агенцијата.
Агенцијата за управување со одземен имот во август годинава објави оглас на кој беа понудени дел од конфискуваните недвижнини од Сашо Мијалков за случајот „Империја“, а наддавањето беше закажано за 25 август.
Понудени на продажба беа два стана во Охрид, од кои едниот од 65 метри квадратни со проценета вредност од Бирото за судски вештачења на 5.775.234 милиони денари, а другиот во истата зграда од 114 метри квадратни проценет на 9.032.505 денари, како и земјиште од 56.818 метри квадратни кај Морани во Општина Студеничани крај Скопје со почетна вредност од 17.045.421 денари и мал плац кај местото Џибарица на Кожуф од 321,81 метри квадратни проценето на 29.686 денари. Сите во вкупна вредност од околу половина милион евра.
Претходно, во јули годинава на аукција на берза беа ставени запленети акции на Мијалков.
Во случајот „Империја“, Сашо Мијалков призна вина и се спогоди со Обвинтелството, а казната беше три години затвор и одземање на имот вреден околу 30 милиони евра, меѓу кои 25 станови и парцелата до хотелот Мериот.