До крајот на годинава државата главно ќе ги обезбедува потребните средства на домашниот финансиски пазар, преку државни хартии од вредност и рефинансирање на доспеаните долгови. Во подготовка е и нова граѓанска обврзница, најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување на ТВ „Сител“. Владата, истовремено, ги разгледува можностите за ново задолжување во странство во 2027 година.

Граѓанската обврзница им овозможува на граѓаните да ѝ позајмат пари на државата за определен период, во замена за камата. По истекот на рокот, државата треба да им ја врати вложената сума. На овој начин Владата обезбедува средства директно од граѓаните, наместо да се задолжува само кај банките и другите инвеститори. Засега не се соопштени планираниот износ на новата емисија, каматната стапка и рокот на достасување.

Димитриеска-Кочоска се осврна и на намалувањето на капиталните расходи кај одредени институции. Таа објасни дека преку механизмот КАПЕФ средствата се пренаменуваат кога, поради доцнење на проектите или неуспешни тендери, е извесно дека нема да можат да се потрошат до крајот на годината.

Како пример ја посочи Управата за извршување санкции, каде што не успеал тендерот за кој биле предвидени повеќе од 200 милиони денари.

„Не станува збор за тоа дека некои проекти скроз сме ги прекинале, туку можеби од одредени институции, таму каде што, на пример, не се готови тендерите или, на пример, во Управата за извршување санкции имаме тендер којшто беше неуспешен, а имаше прилично средства – повеќе од 200 милиони денари предвидени за таа намена“, истакна министерката.

Бидејќи тендерската постапка ќе мора да се повтори, предвидените средства не можат да се потрошат до крајот на годината, рече таа.

„Повеќе од очигледно е дека до крајот на годината не можат да се реализираат, бидејќи допрва ќе треба да се повтори тендерот“, рече Димитриеска-Кочоска.

Слични проблеми со динамиката на реализација има и кај одредени проекти на Министерството за животна средина и просторно планирање. Министерката нагласи дека проектите за кои веќе се потпишани договори продолжуваат да се реализираат, а пренамената се однесува на средствата што не можат да се искористат во тековната буџетска година.

Зборувајќи за меѓународните финансиски пазари, Димитриеска-Кочоска предупреди на големата неизвесност, растот на глобалниот јавен долг и притисоците поврзани со цените на енергенсите. Таа оцени дека досегашните владини интервенции во даноците и акцизите помогнале ценовните шокови да не се прелеат во другите сектори.

„Не можеме да зборуваме за простор во буџетот и огромни бафери за да можеме да се справиме не знам како, но секогаш носиме одлуки врз база на тоа како нашите одлуки денес ќе влијаат во иднина“, изјави министерката.

Таа смета дека граѓаните треба да бидат свесни за неизвесноста во светската економија и да штедат. Владата, како што посочи, внимателно ги следи движењата на цените и состојбите на меѓународните пазари.

„Ние не дозволивме ценовниот шок да се прелее во другите сектори, заради тоа ние денес имаме една од најниските инфлации“, рече Димитриеска-Кочоска.

Во однос на задолжувањето во странство, министерката потврди дека државата ќе мора да издаде нова еврообврзница за да обезбеди средства за сервисирање на обврската од 2023 година. Таа објасни дека издавањето еврообврзница на крајот од годината може да биде понеповолно поради зголемената побарувачка за пари на меѓународните финансиски пазари.

Поради тоа, се разгледуваат повеќе можности за задолжувањето во 2027 година, меѓу кои и поделба на планираниот износ во две одделни емисии.

„Факт е дека мора да издадеме еден дел обврзница за да може да ја сервисираме обврзницата којашто беше издадена во 2023 година и којашто беше со каматна стапка повисока од 6 отсто“, нагласи министерката.

Подготовките за буџетот за следната година се одвиваат во рамките на параметрите утврдени со фискалната стратегија, рече таа. Во наредниот период се планирани координативни состаноци со владините ресори за усогласување на нивните финансиски потреби и приоритети. Посебно внимание ќе им биде посветено на здравството и на Фондот за здравствено осигурување.