Владата е блиску до одлука проектот за хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“ да го финансира и реализира државата преку АД ЕСМ, изјави премиерот Христијан Мицкоски во поткастот „Каде се парите со Горан Теменугов“. За таа цел, раководството на ЕСМ и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се обидуваат да формираат меѓународен синдикат на заемодаватели, односно да обезбедат синдициран кредит од повеќе реномирани меѓународни финансиски институции, а според досегашните информации тие обиди се успешни.

„Сè уште немаме потврда и не е почната реализацијата, но многу сме блиску до одлука државата преку ЕСМ да го финансира и реализира проектот“, рече Мицкоски. Тој оцени дека „Чебрен“ и „Галиште“ се важни не само за Македонија, туку и за регионот, особено поради климатските промени и потребата од два нови резервоари за вода во годините и децениите што следуваат.

Премиерот потсети дека „Бошков Мост“ и „Луково Поле“ не биле изградени од оправдани причини и дека единствениот проект со сериозен потенцијал во моментов е каскадата „Чебрен“ и „Галиште“ на Црна Река, која, според него, има голема издашност и добра хидрологија. Се разгледува и можноста „Чебрен“ да биде реверзибилна хидроцентрала, но таквото техничко решение сè уште го анализираат експертите вклучени во проектот.

Мицкоски посочи дека стратешкото значење на двата резервоара најнапред се гледа во обезбедувањето вода за пиење и наводнување на земјоделскиот регион, а потоа и во можноста за туристички развој. Дури по тие функции, како што рече, доаѓа производството на електрична енергија.

„Овие резервоари повеќе ги гледам како своевидни батерии, односно акумулации што можат да складираат енергија и практично да ги нивелираат врвното оптоварување, производството и потрошувачката на електрична енергија“, објасни премиерот.

Според него, проектот ќе создаде додадена вредност за македонската економија доколку се финансира со средства од странство, со грејс-период еднаков на времетраењето на изградбата, кое се проценува на осум до десет години. Намерата на Владата е колку што е можно поголем дел од работите да биде домашна компонента, за што повеќе од средствата да останат во земјата.

Објаснувајќи зошто финансирањето би одело преку ЕСМ, а не директно преку Буџетот со кредитно задолжување, Мицкоски рече дека задолжувањето преку државната енергетска компанија нема да влезе во буџетскиот дефицит. „Ако се оди преку АД ЕСМ, не влегува во дефицит. Ова е проект со висока стапка на поврат и со висока нето-сегашна вредност“, рече тој.

Премиерот додаде дека државната амбиција е Македонија да стане крстосница на двата коридора со целата придружна инфраструктура, вклучително и изградбата на пругата на Коридорот 10 и западното железничко крило на Коридорот 8. За разлика од ЕСМ или Јавното претпријатие за државни патишта, Македонски железници – Инфраструктура или Транспорт тешко би можеле самостојно да ги финансираат тие проекти, поради што тие би се реализирале преку Министерството за транспорт и би влегле во буџетскиот дефицит.

Мицкоски очекува во следните десет години да се појават проекти со вкупна вредност од околу десет милијарди евра, дел како приватна, а дел како државна иницијатива.

Говорејќи за домашниот градежен и машински капацитет, премиерот рече дека веднаш по враќањето од самитот во Тиват почнал средби со македонските градежни компании. На нив се разговара за тоа што може да биде изградено со домашни сили, што ќе мора да се набавува или ангажира од странство и колкав дел од парите би можел да остане во македонската економија.

Според Мицкоски, вистинско проектно решение ќе има кога ќе се оптимизираат трошоците и што поголем дел од нив ќе се реализираат во земјата. Тој нагласи дека, доколку државата влезе во кредитен аранжман, проектот ќе мора да биде завршен што побрзо за да почне да создава приходи од кои ќе се враќа долгот.

„Моменталниот капацитет не е доволен за потребите и за нашата амбиција, која изнесува просечно околу една милијарда евра годишно. Се договоривме домашниот капацитет да расте за приближно 25 до 30 проценти годишно, што во одреден период би ни овозможило да стигнеме до половина од нашата амбиција. За другата половина ќе мора да ангажираме градежни компании од странство“, рече Мицкоски.

За машинската опрема на хидроцентралите ќе биде распишан тендер во соработка со потенцијалниот синдикат на заемодаватели. Според премиерот, станува збор за реномирани компании, банки и големи финансиски институции.

„Доколку сè се одвива како што треба, планираме постапката да ја почнеме според принципот ‘Yellow FIDIC’. Очекувам првите посериозни контури на проектот да се појават во периодот меѓу 2035 и 2037 година“, изјави Мицкоски во интервјуто.