Министерството за економија и труд објави јавен повик за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија, како и за занаетчии, за што се обезбедени 11,34 милиони денари.

Со мерката ќе се кофинансираат 40 проценти од докажаните трошоци за набавка на нови машини и работни алати, но не повеќе од 200.000 денари по барател.

„Нашата цел е јасна – да им помогнеме на домашните компании полесно да инвестираат, да го модернизираат производството, да ја зголемат продуктивноста и да создадат подобри услови за работа и развој“, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

Тој најави уште два јавни повици во рамките на програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2026 година.

Првиот повик се однесува на компензација на дел од трошоците за воспоставување, имплементација и сертификација на стандарди во преработувачката индустрија, со буџет од 2 милиони денари.

Вториот е наменет за зајакнување на соработката меѓу компаниите од преработувачката индустрија и универзитетите преку заеднички проекти, за што се предвидени 5 милиони денари.

Поддршката се однесува на инвестиции реализирани во текот на 2025 и 2026 година, а право на учество имаат микро, мали и средни претпријатија со претежно домашен капитал, како и занаетчии регистрирани согласно закон.