Пратениците на денешната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците го прифатија амандманот во новиот Предлог закон за јавно обвинителство, државниот јавен обвинител да не поседува двојно државјанство. Пратеникот Сали Мурати од име на пратениците кои го имаат предложено овој амандман објасни дека со предложениот амандман се предвидува државниот јавен обвинител не смее да поседува државјанство на друга држава.
Целта на овој амандман е да се зајакне интегритетот, независноста и веродостојноста на функцијата на јавен обвинител, како една од највисоките и најчуствителните јавни функции во правосудниот систем. За овој амандман гласаа осум пратеници, а еден беше против. Меѓу пратениците на денешната Комисија се разви дебата за овој амандман, а го прифатија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но не и пратеничката Весна Бендевска од ЗНАМ.
Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошоски рече дека е прифатлив овој амандман за нивната пратеничка група, бидејќи ваква одредба да се нема двојно државјанство има и за македонските амбасадори.
Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска позитивно се изјасни и истакна дека при реформите во АНБ, ваква одредба е донесена и за оваа институција.
Пратеничката Бендевска, пак, е на став дека не треба да се ограничува и треба да се води смета за граѓаните кои се иселиле и се враќаат назад во својата држава.
Од страна на пратениците од десетте разгледани амандмани на Предлог законот за Јавното обвинителство прифатен беше и амандманот кој се однесува на член 22, став 2 и со него се предвидува се избрши овој став, а се однесува на можноста јавниот обвинител кој постапува по конкретен предмет, во случај доколку не се согласува со мислењето од стручниот колегиум да се иземе од постапување. Двата амандмана се прифатливи и за Министерството за правда. Седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците беше прекината поради одржување на седница на македонското Собрание, а работата на оваа Комисија ќе продолжи по завршување на пленарната седница.
