Дуа Липа и Рита Ора јавно ја изразија својата поддршка за поранешните лидери на ОВК, еден ден по изрекувањето на пресудите во Хаг. Четворицата поранешни команданти беа осудени на затворски казни за воени злосторства, а пејачките од албанско потекло реагираа преку социјалните мрежи.

На 16 септември, Специјализираните совети на Косово го осудија Хашим Тачи на 25 години затвор, Јакуп Красниќи исто така на 25 години, Кадри Весељи на 18 години, а Реџеп Селими на 13 години затвор.

Рита Ора објави фотографија на Инстаграм на која се гледа амблемот на ОВК и напиша: „Борбата за Косово, кое денес го нарекуваме дом“.

Дуа Липа, пак, сподели повеќе објави во кои ја поддржува ОВК. Таа го објави и нивниот амблем со натписот „Слободата има име“, а потоа објави и текст со наслов „Слободата е платена со крв“.

„Со крвта на мачениците кои ги дадоа своите животи за слободата. Никој нема право да ја оцрни борбата на оние кои се бореа за слободата. Никој нема право да ја оцрни Ослободителната војска на Косово и идеалот на илјадници млади мажи и жени кои ги дадоа своите животи за слободата што ја уживаме денес. ОВК е и засекогаш ќе остане симбол на нашата слобода и независност“, напиша таа.

Дуа Липа и Рита Ора, кои се британски пејачки од албанско потекло, со овие објави реагираа по пресудите против поранешните водачи на ОВК.