Министерот за правда Бојан Маричиќ ќе биде нов вицепремиер за евроинтеграции на местото на Никола Димитров, за кого ќе нема место во новата влада, а Маричиќ ќе остане на функцијата секретар во СДСМ, дознава 24 ИНФО од партиски извори.
Вицепремиерот Љупчо Николовски се враќа во министерството за земјоделие, кое ДУИ ќе го отсапи на СДСМ во замена за министерството за одбрана, од кое Радмила Шекеринска најави дека ќе се повлече. Директорката на УЈП и заменик претседател во СДСМ Сања Лукаревска ќе остане на партиската функција но можно е да ја добие вицепремиерската функција за борба против корупција.
Фатмир Битиќи останува потпретседател во Владата за економски прашања, како и на едно од потпретседателските позиции во СДСМ. Нов потпретседател на партијата ќе биде Перо Костадинов. Венко Филипче освен од министерската си заминува и од потпретседателската функција во партијата, исто како и министрите Оливер Спасовски и Мила Царовска. Царовска нема да биде дел од новата влада, како што самата најави денеска.
Пратеничката Славјанка Петровска ќе биде исто така нов потпретседател во СДСМ, а најверојатно ќе го добие МВР, ако Димитар Ковчевски одлучи да го замени Спасовски.
Според партиски извори, поранешниот градоначелник Петре Шилегов е во игра за прв човек на транспорт и врски, но и за правда. Владиниот советникот за труд и социјална политика Милан Живковиќ ќе биде нов министер за труд и социјала на местото на Јагода Шахпаска.