Демократската унија за интеграција (ДУИ), не можејќи да ја прифати новата улога во опозиција по повеќе од две децении на власт, продолжува со заканувачка реторика. Откако најавија можен бојкот на локалните избори доколку се чепка Законот за јазиците, сега го сменија пристапот – нема бојкот, но ќе има политичка криза.
Пратеникот на ДУИ Блерим Беџети отворено предупреди дека евентуалните промени во Законот за јазици, кој е предмет на разгледување во Уставниот суд, ќе предизвикаат сериозна дестабилизација.
„Секако дека ќе дојде до политичка криза ако се чепне Законот за јазиците.“ – изјави Беџети, алудирајќи дека укинувањето или измените на законот би значеле ускратување на правата на Албанците.
ДУИ врши притисок врз Уставниот суд – американската амбасадорка со јасна порака
Законот за јазици, кој според правните експерти содржи правни нејасности и можни повреди на Уставот, се претвори во политичка алатка на ДУИ. Наместо да дозволат институционален процес, партијата индиректно врши притисок врз судиите кои треба да одлучат за неговата уставност.
Загриженост стигна и од меѓународните партнери – американската амбасадорка во Македонија, при средбата со претседателот на Уставниот суд, јасно порачала дека судиите мора да одолеат на политичките влијанија. Оваа порака е интерпретирана како предупредување за партиските структури кои се обидуваат да влијаат врз независноста на судската власт.
Мицкоски: ДУИ е навикната да им наложува на судиите што да одлучат
Премиерот Христијан Мицкоски не е изненаден од обидите на ДУИ да се меша во работата на судиите.
„Тие со години беа навикнати да им наложуваат на одредени судии каква одлука да донесат. Ова не е ништо ново, но времињата се сменија.“, коментираше Мицкоски.
ДУИ, наместо да се адаптира на новата реалност како опозициска партија, продолжува со манипулативна реторика и закани за политичка криза.
Според нив, коалицискиот партнер во Владата – Вреди, не е легитимен претставник на Албанците, иако оваа политичка групација освои повеќе од 100.000 албански гласови.
Порака до интегративците: Наместо закани, реформирајте се
Политичките ривали на ДУИ, коалицијата ВЛЕН предводена од Билал Касами, Изет Меџити и Африм Гаши, не се изненадени од реториката на партијата на Ахмети. Тие често пати им порачуваат да се реформираат, наместо да се закануваат, и да ја исчистат сопствената партија од коруптивните афери, наместо криминалот да го маскираат под превезот на „заштита на правата на Албанците“.
Политичкиот терен е јасен – ДУИ не се откажува од тактиките на уцена и манипулација, но дали ќе успеат во својата стратегија или ова ќе биде почеток на крајот за оваа партија, останува да се види.