Во Обединетото Кралство во понеделникот пристигнале 710 луѓе за кои се претпоставува дека се мигранти, откако го преминале каналот Ламанш со мали чамци. Тоа е најголемиот број пристигнувања во еден ден од почетокот на годинава, покажуваат најновите податоци.

Преминувањето следува по двонеделен период без регистрирани пристигнувања, бидејќи меѓу 1 и 14 јуни не бил забележан ниту еден ваков случај. Во понеделникот пристигнале вкупно 11 чамци, што значи дека во просек во секој од нив имало околу 65 лица, пренесува ДПА.

Според прелиминарните податоци на британското Министерство за внатрешни работи, вкупниот број луѓе што во 2026 година пристигнале во земјата со мали чамци сега изнесува 9.852. Тоа е за 40 отсто помалку во споредба со истиот период минатата година, кога биле регистрирани 16.317 пристигнувања, и за 14 проценти помалку отколку во истиот период во 2024 година, кога бројката изнесувала 11.431.

Британската Влада во моментов планира да воведе дополнителни мерки за сузбивање на преминувањата со мали чамци. Меѓу разгледуваните чекори е и можноста личните работи на мигрантите да бидат конфискувани за со нив да се покријат трошоците за нивното сместување во Обединетото Кралство.