Министерот најави нова Програма за достоинствена работа за периодот 2026–2030 година
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши од говорницата на 114. сесија на Меѓународната конференција на трудот во Женева порача дека социјалниот дијалог останува клучен механизам за креирање успешни политики и постигнување одржливи решенија на пазарот на трудот.
Во своето обраќање, Дурмиши истакна дека Владата продолжува со реформите насочени кон модернизација на трудовото законодавство, зајакнување на социјалниот дијалог и подобрување на условите на пазарот на трудот.
Тој нагласи дека современиот свет на трудот се соочува со сериозни промени предизвикани од демографските движења, технолошкиот напредок, вештачката интелигенција, климатските промени и геополитичките случувања.
„Денес светот на трудот се соочува со длабоки и брзи промени. Овие процеси создаваат нови можности, но и нови ризици за работниците, работодавачите и националните економии“, истакна Дурмиши.
Во фокусот остануваат вработувањето и европските стандарди
Министерот посочи дека активните мерки за вработување остануваат меѓу приоритетите на институциите, додека измените во трудовото законодавство имаат цел да создадат современа и европски усогласена правна рамка.
Воедно, тој ја потврди посветеноста на државата кон почитување на меѓународните трудови стандарди, нагласувајќи дека Македонија ги има ратификувано сите конвенции на Меѓународната организација на трудот кои се однесуваат на слободата на здружување и колективното договарање.
Говорејќи за улогата на социјалниот дијалог, Дурмиши порача:
„Ниту една успешна реформа не може да се спроведе без силен и искрен социјален дијалог. Дијалогот е најефикасниот пат до одржливи решенија.“
Тој најави дека наскоро ќе биде потпишана и новата Програма за достоинствена работа за периодот 2026–2030 година, која треба да придонесе за отворање повеќе и поквалитетни работни места, како и за понатамошно усогласување на државата со европските стандарди во областа на трудот.
