Владата најавува ограничувања за рекламирањето и електронските игри на среќа

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши изјави дека со новите измени на Предлог-законот за игри на среќа и забавни игри се очекува дополнително да се ограничи оваа дејност и да се воведат построги правила.

Тој посочи дека за првпат се предвидува казината и објектите за игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта.

„За првпат носиме закон за предлог измени на Законот за игри на среќа со којшто се предвидува 500 метри оддалеченост (на казината) од основните и средните училишта. За првпат ќе има ред, поголема заштита на јавниот интерес, особено кога се работи за младите“, рече министерот за економија.

„Нема да дозволиме комарот да се рекламира како лесна заработка“

Дурмиши нагласи дека ограничувањето не е политичка, туку заштитна мерка.

„Сме поставиле јасни правила бидејќи нема да дозволиме комарот да се рекламира како брз начин за да се збогатат или лесна заработка, особено во содржините кои влијаат кај младите. Целта е јасна – да се стави голема контрола и европски стандарди во борбата против оваа индустрија“, изјави тој.

Министерот најави и ограничувања за електронските игри на среќа, посочувајќи дека младите лесно доаѓаат до такви содржини.

„Како владин кабинет ќе сме против ова се додека кога целосно ќе ги отстраниме од нашата земја. И тоа го правиме. Првично, измените се првиот чекор. Го стеснуваме нивниот круг, ги оддалечуваме од местата каде што се младите и ги ограничуваме рекламирањето“, рече Дурмиши.

Владата најавува и мерки за повисоки плати

Дурмиши додаде дека Владата работи и на мерки за подобрување на животниот стандард.

„Со помош на колективните договори сме постигнале да ги зголемиме платите за да влијаеме во зголемување на продуктивноста во јавниот сектор, потоа да се зголеми минималната плата во приватниот сектор. Со Оперативниот план и со Законот за финансиска поддршка на инвеститорите со сите механизми. Ги поддржуваме приватниот сектор, стопанските комори и да создадеме подобри услови за вработените и тие да ја зголемат продуктивноста, истовремено ќе се зголеми и минималната плата. на ова сме посветени и работиме секој ден“, рече Дурмиши.