До 13 часот денеска на територијата на Македонија биле регистрирани вкупно шест пожари на отворен простор, од кои два сè уште се активни, а четири се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
Активни пожари во скопскиот регион
Активни остануваат пожарите кај селото Брњарци во Општина Арачиново и во населбата Волково во Општина Ѓорче Петров. На двете локации гори ниска вегетација.
Изгаснати четири пожари
Под контрола се ставени пожарите во селото Бањица во Општина Чашка, Биџево во Општина Струга и Сенакос во Општина Врапчиште, како и пожарот на депонијата во Делчево.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека пожарите регистрирани денеска не претставуваат посериозна закана и се очекува наскоро целосно да бидат ставени под контрола.
Вчера изгаснати повеќе од 25 пожари
Во текот на вчерашниот ден биле изгаснати повеќе од 25 пожари на отворен простор. Најсложена била состојбата во Општина Македонски Брод, во близина на Самоков, каде пожарот зафатил тешко пристапен терен. Во интервенцијата учествувале голем број пожарникари од Македонски Брод и три пинцгауери на ДЗС, а дождот што заврнал во попладневните часови помогнал во неговото конечно гаснење.
Поголем пожар вчера бил регистриран и во Општина Новаци, каде изгорела поголема површина од рамничарски предел. Пожарот бил запрен и изгаснат со интервенција на пожарникарите, локалната самоуправа и земјоделците кои помогнале со механизација.
Ангелов им се заблагодари на пожарникарите за брзата реакција и на граѓаните за внимателноста, посочувајќи дека постојат докази и за неколку намерно предизвикани пожари. Тој апелираше граѓаните да бидат совесни и секое сомнително однесување да го пријават на бројот 112 или во најблиската полициска станица.
