До 18 часот денеска на територијата на државата се регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор, од кои два сè уште се активни, а осум се целосно изгаснати.

Според информациите од надлежните служби, активни пожари има во Општина Ѓорче Петров, кај селото Ново Село, каде што гори нива со жито, како и во Општина Сарај, кај селото Копаница, каде што е зафатена ниска вегетација.

Во текот на денот изгаснати се осум пожари, и тоа во Велес, на улицата „Димко Најдов“, во липковското село Слупчане, во Куманово, на улицата „Иво Лола Рибар“, во селото Трубарево во Општина Гази Баба, на улицата „Мице Козар“ во Ѓорче Петров, во светиниколското село Каратманово, во неготинското село Корешница, како и помеѓу селата Прждево и Бесвица во Општина Демир Капија.

Пожарите зафатиле ниска вегетација, жито, стрништа, трње, ниска шума, ѓубре и земјоделски насади.

Надлежните служби и понатаму ја следат состојбата на терен, објави Скопје1.мк.