Двајца американски воени лица исчезнаа во југозападен Мароко откако учествуваа во годишна мултинационална воена вежба во земјата, а по нив е започната потрага, објави денеска Африканската команда на САД (Африком).
Се наведува дека војниците исчезнале во близина на градот Тан Тан, објави Гардијан.
САД, Мароко и други земји кои учествуваат во вежбата „Африкански лав“ започнаа операција за пребарување и спасување.
„Инцидентот е под истрага и операцијата за пребарување е во тек“, се додава во соопштението.
Инцидентот се случил вчера, во близина на полигонот Кап Дра, веднаш до Атлантскиот Океан.
Воената вежба започна во април и се спроведува во четири земји, вклучувајќи ги Тунис, Гана и Сенегал, а треба да заврши на почетокот на мај.
Вежбата „Африкански лав“, која се организира од 2004 година, е најголемата заедничка вежба на американската војска на континентот, а обично учествуваат високи воени претставници од САД и нивните најважни африкански сојузници.
Според американските воени претставници, вежбата служи како можност за зајакнување на регионалната безбедносна соработка и подготвеноста на силите на земјите учеснички за глобални кризи.
