Европските лидери не прифаќаат забрзан прием на Украина во Европската Унија, иако Киев инсистира на краток рок за членство. Според „Фајненшл тајмс“, зад затворени врати на самитот во Кипар се воделе напнати разговори меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и претставници на европските земји.

Според дипломатски извори, реториката од украинска страна создала дополнителни тензии во момент кога поддршката од САД станува неизвесна. Европските лидери, како што се наведува во текстот, се обиделе да ги намалат очекувањата на Киев.

– Тој мораше да чуе некои сурови вистини – рекол еден од учесниците на самитот.

Еден европски функционер бил уште поостар во оценката за настапот на украинската страна.

– Ние сме негови единствени пријатели, па можеби е подобро да молчи – рекол функционерот.

Европските лидери јасно сигнализираат дека пристапувањето на Украина нема да биде забрзано. Дел од нив сметаат дека Киев има нереални очекувања и дека ставот оти Европа „ѝ должи“ членство на Украина не помага во процесот.

– Членството не е подарок – рекол еден европски функционер.

Друг функционер додал дека пристапот „ни должите“ не е корисен за преговорите.

Зеленски постави цел Украина да стане членка на ЕУ до 2027 година, но клучните европски земји ја отфрлаат таа идеја. Германскиот канцелар Фридрих Мерц оценил дека таквите надежи не се реални. Според Мерц, цената на евентуален мировен договор може да биде и територијална загуба.

Во меѓувреме, ЕУ одобри заем од 90 милијарди евра за Киев, наменет за стабилизација на економијата и за одбрана. И покрај финансиската поддршка, разликите околу патот кон членство остануваат длабоки. Франција и Германија предлагаат постепен пристап, со кој Украина би добила „симболични“ бенефиции и постепен пристап до механизмите на ЕУ во замена за исполнување реформи.

Според европски официјални лица, таквиот модел би значел дека полноправното членство на Украина во ЕУ би било оддалечено најмалку една деценија. Зеленски го отфрла тој пристап.

– На Украина не ѝ треба симболично членство во ЕУ – изјавил тој.

Украинскиот лидер нагласува дека Украина ја брани Европа и дека заслужува полноправно членство. Според извори од Киев, украинските дипломати добиле јасни инструкции да не разговараат за компромисни модели.

– Ние дури и нема да разговараме за тоа – рекол украински функционер.

Покрај политичките разлики, ЕУ изразува загриженост и за реформите во Украина, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Дипломатите посочуваат и на пропуштени рокови за законски реформи и предупредуваат дека процесот мора да остане базиран на заслуги.