Двајца американски војници загинаа, еден се води како исчезнат, а уште четворица беа повредени во иранските напади врз позиции во Јордан. Централната команда на американската војска, CENTCOM, соопшти дека станува збор за првите американски воени жртви во конфликтот од март годинава, додека Вашингтон и Техеран повторно разменуваат воздушни, ракетни и беспилотни напади.

Нападите биле извршени на 17 јули, во момент кога американските и сојузничките сили пресретнувале ирански балистички ракети и беспилотни летала насочени кон нивните позиции во Јордан.

„Двајца американски војници беа убиени во борба во Јордан на 17 јули, додека Централната команда и партнерските сили ги одбија иранските напади со балистички ракети и беспилотни летала. Еден војник исто така е исчезнат“, соопшти CENTCOM.

Американската војска засега не ги објавува имињата на загинатите, бидејќи нивните семејства сè уште не биле официјално известени.

Во нападите биле повредени уште четворица американски војници. Тие биле префрлени во болници во Јордан, а по укажаната медицинска помош биле пуштени на домашно лекување. Други припадници на американската војска се здобиле со полесни повреди, по што се вратиле на своите должности.

Со последните жртви, бројот на загинати американски војници од почетокот на ескалацијата на конфликтот се зголеми на 15.

Новите жртви доаѓаат во период кога примирјето меѓу Вашингтон и Техеран практично пропадна, а двете страни повторно почнаа да разменуваат воени удари.

Во изминатите денови американските сили извршиле нови воздушни напади врз ирански воени цели. Потоа следувал бран ирански ракетни и беспилотни напади врз американски бази и други објекти на Блискиот Исток.

Според американската војска, цел на операциите биле надзорни позиции, логистичка инфраструктура, подземни складишта за оружје и поморски објекти.

Иранските медиуми, од друга страна, објавија дека експлозии биле регистрирани во Сирик, Ахваз и Јазд. Локалните власти во иранската покраина Хормозган тврдат дека американски проектил погодил фабрика за десалинизација на вода.

Американската страна засега не ги коментираше овие тврдења.

Иранските власти во меѓувреме соопштија дека во последните 24 часа загинале 12 лица. Министерството за здравство наведе дека од обновувањето на конфликтот во американските напади загинале најмалку 50 лица, додека повеќе од 500 биле повредени.

Техеран истовремено ги повика своите регионални сојузници да бидат подготвени за „поширок конфликт“. Предупредувањето дополнително ги засили стравувањата дека кризата на Блискиот Исток може уште повеќе да ескалира.