Три лица, меѓу кои двајца доктори, биле приведени поради сомнежи дека биле дел од организирана криминална група вмешана во нелегален увоз, дистрибуција и апликација на медицински лекови и медицински помагала.
Во рамките на истрагата, вчера биле извршени претреси на пет локации во Скопје, меѓу кои и во две здравствени установи.
Врз основа на прибраниот доказен материјал, јавниот обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против четири лица.
Тројца осомничени се товарат за „злосторничко здружување“ и „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“, додека четвртото лице е осомничено за второто кривично дело.
На сите четворица осомничени судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје им определил мерки на претпазливост.
Предметот бил оформен во април, кога била отворена истрага против 17 физички и шест правни лица осомничени за злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост, неовластена употреба на туѓа фирма и примање поткуп.
Истрагата продолжува за да се утврдат сите околности на случајот и евентуалната вмешаност на други лица.
