Две компании добиле 785 илјади евра

Претходната власт направила сериозни афери и сомнителни зделки во областа на земјоделството. Додека дел од земјоделците чекаат да им бидат исплатени субвенциите, две компании по овој основ добиле 785 илјади евра, констатирал Државниот инспекторат за земјоделство.

Ниту го обработувале земјиштето, ниту плаќале. Добивале субвенции и по раскинувањето на договорот, обелодени министерот Трипуновски. За овие два случаи има цврсти докази, а се истражуваат уште три други, вели министерот.

Две фирми заедно со раководството на министерството го оштетиле буџетот

Трипуновски јавно ги соопшти имињата на фирмите и соопшти дека следи дополнително истражување и соодветни санкции. Станува збор за „Арекспорт“ ДООЕЛ увоз-извоз од Струмица и „ДЗС Илинден“. Овие две фирми спротивно на законот добиле 49 милиони денари, односно 30 милиони денари за струмичката фирма и 19 милиони денари за „ДЗС Илинден“ спротивно на законските регулативи.

19 договори за закуп на државно земјиште

Фирмите почнувајќи од 2019 година го оштетувале државниот буџет. Струмичката фирма „Арекспорт“ имала склучено вкупно 19 договори за закуп на државно земјиште. Сомнителните тендери за закуп на државно земјиште Цветан Трипуновски ги презентираше пред медиумите и дополни дека згора на се оваа фирма не платила закупнина за 2022 и 2023 година и на тој начин дополнително го оштетила буџетот.

Николовски ги демантира наводите на Трипуновски

Пратеникот и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, ги демантира наводите на Трипуновски. Вели министерот прво да се запознае со постапките и надлежностите на органите во неговиот состав, пред да се расфрла со празни обвинувања во обид да направи театар пред јавноста.

„Ги повикувам надлежните институции да постапат согласно сите искажани точки од денешната прес-конференција. Мојот министерски мандат е познат како еден од најтранспарентните, што се потврдува со фактот дека под моето раководство МЗШВ беше прогласено за најтранспарентна институција и една од институциите со највисок интегритет. Јас како министер ги имам дадено сите потребни задолженија на службите да работат согласно законите“, изјави Николовски.

Со ребалансот обезбедени пари за земјоделците

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ секојдневно се бори за земјоделците. Владата дава силен фокус и покажа дека се грижи за земјоделците се со цел Македонија повторно да биде аграрна земја, истакна Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Трипуновски: Како Влада обзебедивме средства за исплата на сите заостанати субвенции

Со ребалансот на Буџетот се обезбедени 30 милиони евра за земјоделците.