– Од доставените извештаи од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицински факултет во Скопје до Обвинителството, се утврдува дека од починатите, осум жртви се жени и шест мажи, на возраст од 29 до 78 години. Од нив, 12 лица биле хоспитализирани како пациенти во ковид-болницата. Од починатите, две лица и тоа сопруга на пациент и ќерка на пациентка, се надворешни лица кои не биле хоспитализирани. Причината за нивното присуство во моментот на несреќата, односно дали биле подолго време присутни во болницата или влегле внатре по опожарувањето за да ги извлечат своите роднини се истражува. По налог на Обвинителството, извршена е обдукција и на почината пациентка, која настрадала од ковид-19 и за чиј живот се борел медицинскиот персонал непосредно пред избувнувањето на пожарот. Телото на веќе починатата пациентка било изнесено во моментот на избувнување на пожарот. Обдукцијата по барање на Обвинителството беше извршена за точно утврдување на причините за смртта, при што се констатира дека настанатата смрт не е последица од пожарот, соопшти Обвинителството.