Утврден е идентитетот на лицето кое постави албанско знаме на полициско возило во Тетово за време на прославата на Денот на албанското знаме, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од полицијата посочуваат дека се преземени конкретни дејствија за расчистување на настанот што се случи на подрачјето на СВР Тетово.
„Во врска со настанот на подрачјето на СВР Тетово, кога за време на прославата на Денот на албанското знаме беше поставено албанско знаме на полициско возило, по преземените мерки утврден е идентитетот на лицето. Лицето, во присуство на родител, е повикано на разговор во полициска станица, со цел целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе следи соодветен поднесок“, соопшти МВР.
Полицијата дополнително информираше дека за време на прославата на Денот на албанското знаме се регистрирани вкупно 13 нарушувања на јавниот ред и мир на подрачјата на Скопје, Тетово, Охрид и Куманово. Досега се поднесени 2 кривични пријави, изготвени се 10 записници за констатирани прекршоци, а 3 лица се лишени од слобода.
