Скопјани од утре ќе имаат топли радијатори, откако АД ЕСМ најави почеток на грејната сезона порано од вообичаено. Наместо на 15 октомври, сезоната ќе стартува две седмици порано поради значителниот пад на температурите.
Според регулативата, грејната сезона може да започне пред официјалниот датум, ако прогнозата за средна дневна температура е еднаква или пониска од 12˚С. Управата за хидрометеоролошки работи за утре најавува средна температура од 10˚С, што ги исполнува условите за производство и испорака на топлинска енергија.
„Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, за 2 октомври е прогнозирана средна надворешна температура од 10˚С со што се исполнети условите за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија, согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ. Исто така, сè до 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден“, соопштија од АД ЕСМ.
Од компанијата апелираат граѓаните да завршат поправки и редовно одржување на своите внатрешни грејни инсталации. Заедниците на сопственици, пак, треба да овозможат пристап до потстаниците, да обезбедат непречено електрично напојување и редовно да ги подмируваат сметките за струја. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.
„Сите потрошувачи можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина, кој е достапен на линкот ‘Затворени објекти – ЕСМ Снабдување’“, додаваат од АД ЕСМ.
Во Скопје преку АД ЕСМ парно греење користат 62.600 активни потрошувачи, кои од утре ќе добијат топли домови поради најавениот студен бран.