Две третини од Американците веруваат дека земјата се движи во погрешна насока, а мнозинството испитаници се незадоволни од начинот на кој претседателот Доналд Трамп се справува со важни прашања, покажува најновата анкета на „Еј-Би-Си њуз“, „Вашингтон пост“ и Ипсос.
Според анкетата, рејтингот на одобрување на Трамп паднал на 37 проценти, што е најниско ниво во овој претседателски мандат. Од друга страна, 62 проценти од испитаниците не го одобруваат неговото работење, што е рекордно високо ниво во двата негови претседателски мандати.
Трамп и понатаму има силна поддршка меѓу републиканците, од кои 85 проценти го одобруваат неговиот настап. Сепак, уделот на републиканците кои велат дека „силно го поддржуваат“ паднал на 45 проценти.
Најголемо незадоволство има околу трошоците за живот. Околу 76 проценти од Американците не го одобруваат начинот на кој Трамп се справува со ова прашање, додека само 23 проценти го поддржуваат. За време на кампањата, Трамп постојано ветуваше дека ќе ги намали трошоците за Американците.
Анкетата покажува дека 65 проценти од Американците не го одобруваат начинот на кој Трамп се справува со економијата, што е рекордно високо ниво за време на двата негови претседателски мандати. Слично незадоволство има и за ситуацијата со Иран, каде што 66 проценти не го одобруваат неговиот пристап, како и за односите со сојузниците на САД, каде што неодобрувањето изнесува 65 проценти.
Во исто време, мнозинството Американци сметаат дека употребата на американска воена сила против Иран била грешка, покажува анкетата. Околу шест од десет испитаници се незадоволни и од начинот на кој Трамп се справува со даноците, додека нешто помалку од 40 проценти го одобруваат неговиот пристап.
Кога станува збор за имиграцијата, 59 проценти од испитаниците не ги одобруваат политиките на Трамп, додека 40 проценти ги одобруваат. Тоа е практично ист сооднос како и во анкетата од февруари.
Анкетата покажува и дека во оваа фаза од изборниот циклус демократите се помотивирани и почесто велат дека претстојните среднорочни избори за Конгресот се важни. Меѓу регистрираните гласачи, 49 проценти рекле дека би гласале за демократски кандидат доколку изборите се одржат денес, додека 44 проценти би гласале за републиканец.
