Двегодишното девојче Вела Кампиљо исчезна во вторникот околу 18:30 часот по локално време од својот семеен дом во близина на Силвер Бел Естејтс, кај градот Елој. Нејзините родители, Џозеф Кампиљо и Дајана Фриц, појаснија дека девојчето залутало додека си играло со своите браќа и сестри во моменти кога за него се грижел друг член на семејството.
Потрагата траела со часови низ теренот, а пресвртницата настапила веднаш по полноќ. Детето било пронајдено од страна на Џеј Стјуарт, локален жител кој доброволно се приклучил на спасувачките екипи откако слушнал за исчезнувањето.
Стјуарт ја забележал малата Вела како се движи сама во пустината во целосна темница. Откако ја повикал по нејзиното име, тој го слушнал нејзиниот глас.
„Се свртев и го насочив фенерчето кон грмушките, и таа едноставно се појави“, вели Стјуарт.
Тој нагласи дека овој клучен момент му го променил животот засекогаш додека траела неизвесноста на теренот.
„Само ја испружив раката, ја зграпчив и ја прегрнав цврсто. Бев толку среќен што беше безбедна“, раскажа тој.
Од канцеларијата на шерифот на округот Пинал потврдија дека девојчето било пронајдено само во пелена, на ниска температура од околу седум степени Целзиусови. Полициските камери го забележаа моментот кога Стјуарт го носи детето до службениците, останувајќи покрај нив додека трае првичниот преглед за евентуални повреди.
Во разговор со медиумите, Стјуарт наведе дека девојчето одбивало да го пушти во моментот кога се обидел да го предаде на полициските службеници.
„Таа многу се приврза кон мене и бев изненаден. Никогаш порано не сум доживеал нешто вакво“, додаде тој.
Во спасувачката акција што траеше речиси шест часа беа ангажирани два хеликоптери, десетици специјални возила, полициски кучиња трагачи и над 100 луѓе на земја. Мајката на спасеното девојче упати јавна благодарност до сите кои помогнаа во пронаоѓањето.
„Многу сме благодарни на човекот што ја пронајде и на сите други што дојдоа да помогнат во потрагата и да ѝ покажат колку им е грижа“, истакна мајката.
За покажаната пожртвуваност и хуманост, Стјуарт доби специјално признание од страна на шерифот Рос Типел, кој му врачи благодарница и значка со која официјално го прогласи за почесен член на единицата за пребарување и спасување.
