Сериски силувач кој злоупотребувал жени ширум светот е осуден на 17 години затворска казна. Арон Стјуарт (48) сексуално нападнал и злоупотребил пет жени во периодот помеѓу 2008 и 2024 година, извршувајќи тешки кривични дела во Глазгов, Единбург и Лондон, како и на територијата на Шпанија, Мароко, Мексико и Полска.

За време на судскиот процес, Стјуарт во целост ја негираше вината и се обиде да се прикаже како жртва, но судот го прогласи за виновен за вкупно 17 кривични дела, вклучувајќи десет точки за силување. Во Високиот кривичен суд во Единбург, судијата Лорд Јанг нагласи дека нема сомнение оти Стјуарт останува голема и постојана опасност за жените.

„Колку што можам да видам, не сте покажале никакво каење или емпатија за вашите жртви“, рече судијата.

Стјуарт, кој претходно живеел во Единбург, покрај 17-те години затвор, доби уште седум години под посебен надзор. За време на сослушувањата, тој раскажа како на 19-годишна возраст почнал да работи како келнер во познатиот ресторан „Рогано“ во Глазгов, на 21 година станал менаџер, а подоцна се усовршил како сомелиер и градел пријателски односи со гостите, меѓу кои биле и жени.

Нападите започнале кога тој наполнил 30 години, по што кривичните дела ескалирале до судска постапка. Првата жртва сексуално ја нападнал и ја силувал во Глазгов, при што за време на злоупотребата ја давел и ја влечел за коса.

Втората жртва била нападната во популарниот клуб „Поло лаунџ“ во Глазгов. Подоцна Стјуарт ја нападнал и ја силувал во стан во истиот град додека таа била под силно дејство на алкохол и во состојба во која не можела да даде согласност за сексуален однос.

Речиси цела деценија подоцна, осудениот започнал систематски да злоставува трета жена во станбени простории во Единбург и за време на патување во Мексико. Тој континуирано викал по неа, ја пцуел, ја навредувал и упатувал закани, присилувајќи ја на сексуален однос и силувајќи ја во повеќе наврати.

При еден од инцидентите, тој ѝ го одзел мобилниот телефон, насилно ја турнал на подот, ѝ ја извиткал раката зад грбот и го притиснал своето колено на нејзиниот грб, значително отежнувајќи ѝ го дишењето. По ова, Стјуарт преминал на четврта жртва, вршејќи сексуални напади и злоупотреби придружени со навреди и понижувања во Единбург, Мароко и Шпанија.

Четвртата жртва била туркана, влечена по подот, зграпчувана и касната по телото, а во Единбург била силувана неколку пати. Петтата жртва исто така се соочувала со агресивно однесување, пцовки и сериозни закани на локации во Единбург, Лондон и Полска, каде што била силувана двапати.

Една од оштетените детално го опиша претрпениот ужас пред судот, сведочејќи дека напаѓачот престанал само затоа што таа врескала од болка и плачела во неверица од тоа што ѝ се случува.

„Ме принудуваше да го погледнам, велејќи ми: ’Погледни ме‘“, рече таа.

Покрај изречената затворска казна и мерката за продолжен надзор, на Стјуарт му е изречена трајна забрана за каков било контакт со жртвите и е ставен во регистарот на сексуални престапници на неодредено време.