Двојно зголемени буџетските средства за финансирање проекти во сите дејности во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга од годишната програма на Министерството за култура за 2022 година.

Директорката на установата Николина Велкоска-Глигороска информира дека вкупниот буџет од Министерството за култура за Центарот за култура во Струга изнесува над два милиони денари.

– Во сите дејности почнувајќи од музичко- сценска, фолклорна, ликовна, библиотечна и драмска дејност годинава се одобрени повеќе проекти со што на наше задоволство и на задоволство на публиката културните активности се збогатени со голем број содржини. Станува збор за фестивали, кои се традиционални, како меѓународниот „Фолк- мост“, потоа Мултиетничкиот фестивал за деца, годишниот концерт на КУД „Илинден“, кое работи во рамките на нашиот центар и други, истакна Велкоска-Глигороска.

Во делот на ликовната дејност, додаде, публиката ќе може да ужива во ликовните творби на уметници од земјава и пошироко, за што се одобрени повеќе средства годинава, во однос на претходните.

– Годинава за првпат се финансираат проекти во делот на валоризација на културното наследство, со кој се опфатени народните носии на установата, потоа збирката изданија на Струшките вечери на поезијата и роднокрајната збирка. Тоа е вистинско богатство за Струга и Република Северна Македонија, дела во кои се вткаени културата, уметноста, поезијата и традицијата. Тие содржат ретки податоци за развојот на Струга и струшко, како и за почетоците и развојот на престижната светска поеска манифестација „Струшки вечери на поезијата“, изјави Велкоска-Глигороска.

Според директорката, во годишната програма предвидени се средства и за целосна реконструкција на платото пред дирекцијата на Центарот за култура, односно пред влезот на Летна сцена.

– Изминатите две години работевме во навистина поинакви услови заради светската пандемија и успеавме да ги реализираме речиси сите проекти, но оваа година се надеваме дека условите ќе бидат далеку поинакви со цел успешна реализација на сите активности предвидени во годишната програма, додаде директорката на струшкиот Центар за култура.

Националната установа во Струга, подвлече, останува отворена за сите уметници, културни работници и добронамерници, кои сакаат да творат и да создаваат трајни дела со цел развој на културата, како една од најголемите области од висок национален интерес.