Поради одржувањето на состанокот на лидерите на земјите учеснички во процесот Брдо-Бриони, денеска и утре во Охрид и Струга ќе важат засилени безбедносни мерки и посебен режим на сообраќај, информираат од СВР Охрид.

Полицијата најавува засилени контроли, привремени прекини на сообраќајот и забрана за запирање и паркирање на повеќе улици и патни правци по кои ќе се движат возилата со државните делегации.

Посебни мерки ќе има на булеварот „Туристичка“ во Охрид, на дел од автопатот Охрид – Кичево, во центарот на Струга, како и на регионалниот пат Струга – Дебар. Ограничувања се предвидени и на други улици и сообраќајници што се дел од протоколарните маршрути.

Од СВР Охрид појаснуваат дека на овие патни правци се можни краткотрајни застои, кои ќе траат додека не поминат возилата под полициска придружба.

За спроведување на мерките полицијата воспоставила координација со локалните самоуправи во Охрид и Струга, јавните претпријатија, службите за одржување на патиштата и другите надлежни институции.

Полицијата апелира граѓаните во текот на двата дена да ги користат автомобилите само кога е неопходно, да ги почитуваат насоките на полициските службеници и да не ги паркираат возилата на сообраќајниците опфатени со посебниот режим.

Мерките се воведуваат со цел безбедно и непречено одржување на меѓународниот состанок и движење на странските делегации.