Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска упати честитка до припадниците на исламската вероисповед по повод празникот Курбан Бајрам.

Џафери во честитката испраќа порака за обединување со цел, како што наведува, надминување на сите пречки или тешкотии.

Дозволете ми, од име на пратениците во Собранието на Република Македонија и од мое лично име, на сите припадници на исламската вероисповед во земјава и каде и да се сте надвор од неа да Ви изразам честитки по повод големиот муслимански празник – Курбан Бајрам, со надеж дека празникот ќе ве најде во добро здравје, душевен мир и семејна топлина. Курбан Бајрам, како празник на солидарноста и сочувството, празник на широкоградоста и простувањето, разбирањето и меѓусебната почит помеѓу луѓето, без оглед дали се блиски или далечни, познати или непознати, нека ги облее срцата на сите луѓе и нека ги исполни со радоста што ја носи овој голем ден, Нека биде причина плус за заедничко собирање околу семејната трпеза, за споделување на тоа што го имаме и тоа што го немаме, колку и да е тоа многу или малку, со тие што имаат помалку среќа и благосостојба, наведува Џафери.

Според Џафери, човештвото поминува низ тмурен период на постоење, кога е во прашање безбедноста на животот, економската егзистенција и здравствената благосостојба и граѓаните на Македонија не се исклучок.

Иако имаме напредна технологија и глобализацијата се чувствува во секој агол, повторно сме далечни и страни. Повторно сме осамени и сами ги биеме нашите интер-персонални и интра-персонални битки. Да не дозволиме барем за суштинските прашања да бидеме сами туку, да се обединиме за надминување на секаква пречка или тешкотија што се појавува пред нас. Да го славиме заедно животот и да ја градиме заедничката иднина. Сите сме неотуѓив дел од ова тло и грижата и чувањето на истото е обврска на сите нас, пишува претседателот на Собранието, Џафери.