Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска, по повод празникот Курбан Бајрам, испрати честитка до сите граѓани од исламска вероисповед.

Мицкоски во честитката порачува дека само сплотени ќе успееме да создадеме подобра иднина.

-Во овие одлучувачки моменти во кои се наоѓа Македонија, потребно е да си подадеме рака за да ги надминеме предизвиците, да не се наседнува на смислените провокации кои внесуваат поделби на етничка или верска основа кои се само параван за остварување на некакви други лични интереси. Цврсто верувам дека таквите вештачки поделби се предавство на вредностите во кои што веруваме без разлика на етничка, врска или политичка припадност. Проблемите се исти, желбата за иднина е заедничка. Потребно е сите заедно да работиме за меѓусебно почитување, взаемна толеранција и разбирање, бидејќи само на тој начин можеме да успееме да изградиме држава во која сите ќе се чувствуваме слободни и рамноправни, наведува Мицкоски.

Според него, Курбан Бајрам ја истакнува човечката хуманост, грижливост и дарување.

-Поради тоа Ве повикувам овој празник да го поминете во духот на споделување и помагањето на сите оние на кои им е потребна помош. Само сплотени, одлучни, мотивирани и храбри ќе успееме да создадеме подобра иднина и подобар животен стандард за нашите граѓани во Македонија. Нека е честит Курбан Бајрам, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој од свое лично и од име на партијата го честита празникот и упатува желби за среќа, радост, хармонија, внатрешен мир и добро здравје.