Бугарскиот радикал од ВМРО-БНД и европратеник Ангел Џамбаски му порача на претседателот Стево Пендаровски дека и во минатото имало обиди на лидери на ВМРО да им се забрани влез во Македонија и му порача дека последниот таков пример бил со југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ! Џамбаски најави дека на 4 февруари ќе дојде во Скопје. Прашан дали се препознава во описот на Пендаровски кој побара Владата да донесе одлука за забрана на влез на еден бугарски европратеник, Џамбаски одговори дека во тој опис го препознава секој Бугарин кој ги застапува правата и интересите на Бугарите во Македонија, пренесе Слободен печат.
-Што претставува за нас една таква забрана? Да му порачам на Стево Пендаровски, наречен Стево Коминтерната и дека во минатото и други се обидувале да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија, а последниот таков пример е со југословенскиот, со српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Ако се обидат да ми забранат влез во Македонија нека погледнат во историјата и нека учат од неа – рече Џамбаски синоќа во разговор за бугарската телевизија Нова.
На прашањето дали планирал да дојде во Скопје на 4 февруари заедно со поголема група луѓе да ја одбележат 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев Џамбаски потврди.
-Не мислев да одам во Македонија, имав други планови. Но сега, како да одбијам ваква љубезна покана – рече тој.
Владата вчера не донесе одлука за забрана на влез на бугарски државјани, иако завчера по седницата на Советот за безбедност претседателот Стево Пендаровски рече дека ќе даде таков предлог до извршната власт, согласно Законот за странци. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, денеска на новинарско прашање не беше прерцизен што ќе се случи ако Џамбаски се појави на граница на 4 февруари и одговори дека полицијата ќе одлучи за тоа на 4 февруари.
Кралот Караѓорѓевиќ е убиен е во атентат во Марсеј, од страна на Владо Черноземски, по наредба на ВМРО на 9 октомври 1934 година.