Државниот завод за ревизија (ДЗР) на својата веб-страница го објави конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на успешност на тема „Преземени мерки и политики за поддршка на вработувањето и професиите погодени од здравствено – економската криза предизвикана од Ковид 19“, во кој се истакнува дека како резултат на утврдената состојба се предизвикани намалени приходи во Буџетот во вкупен износ од 1.437.005 илјади денари, односно околу 23 милиони евра.

– Целта на извршената ревизијата е да даде одговор на прашањето: „Дали мерките за финансиска поддршка на вработувањето и професиите погодени од здравствено-економската криза од Ковид-19 се ефикасно креирани, реализирани, контролирани, мониторирани и дали е обезбедено соодветно известување за ефектите од преземените мерки?“ во насока на зголемување на ефективноста на мерките и политиките за успешно справување со пандемијата од Ковид-19 и поддршка на работните места. Со оваа ревизија на успешност опфативме 36 отсто од вкупно планираните средства за 2020 и 2021 година преку Владината програма П – Мерки за справување со Ковид-19 кризата, што претставува 12.637.534 илјади денари (околу 205 милиони евра) од кои се реализирани 11.512.447 илјади денари. Периодот кој беше опфатен со ревизијата на успешност е од 11.03.2020 до 31.01.2022 година, иако одредени области, прашања и настани се опфатени последователно до денот на известување за извршената ревизија, велат од ДЗР.

Ревизорските активности, додаваат, беа насочени кон следните области: Правна рамка и креирање на мерки и политики за поддршка на вработувањето и професиите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19; Постапки на доделување и реализација на мерките за финансиската поддршка на вработувањето и професиите погодени од здравственоекономската криза; и Контролни механизми, мониторинг и проценка на постигнатите резултати.

– Со ревизијата е добиено разумно уверување дека креирањето на мерките е спроведено во отсуство на стратешко планирање со јасно дефинирани цели и индикатори за успешност. Ревизијата утврди дека институциите во државава не располагаат со целосни податоци по основ на вратена финансиска поддршка по корисници во утврдените рокови и износ во Буџетот. Според анализата на ревизијата, работодавачите и физичките лица корисници на мерките за субвенционирање на придонеси и исплата на плати вратиле само 29 отсто од пресметаната обврска за враќање, што има за ефект помалку вратени средства во Буџетот во износ од 988.307 илјади денари. Дополнително, поради тоа што не е предвиден начин на контрола и враќање на доделените средства за еднократна финансиска поддршка на физички и правни лица од одделни дејности постои ризик правните субјекти кои не ги исполниле условите да не ги вратат средствата во Буџетот во износ од 448.698 илјади денари. Наведените состојби предизвикуваат намалени буџетски приходи во вкупен износ од 1.437.005 илјади денари, односно околу 23 милиони евра, посочуваат од ДЗР.

Од Заводот потсетуваат дека кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот Ковид-19 предизвика губење на работните места и големи загуби на приходите на работниците што има влијание на намалување на потрошувачката на стоки и услуги.

– Според податоците обезбедени од Агенција за вработување од почетокот на пандемијата до 31.12.2020 година своите работни места ги изгубија вкупно 17.022 работници. Отсуството на пишани анализи и проценки при креирање на мерките за поддршка на вработувањето во процесот на одлучување, утврдените слабости и недоречености во уредбите со законска сила и донесените закони во кои се уредени условите, начинот и постапката за доделување влијаат врз ефикасноста на спроведувањето, следењето на реализацијата на мерките и зачувувањето на работните места, истакнуваат од ДЗР.

Порачуваат дека нецелосните податоци за бројот на работодавачи кои ја исполниле/не ја исполниле обврската за враќање на финансиската поддршка во утврдените рокови и износ во Буџетот има за ефект помалку вратени средства и остварување помали приходи во Буџетот.

– Со извршената ревизија е утврдено дека постои висок степен на реализација на опфатените мерки за финансиска поддршка за исплата на плати и поддршка на професиите, но и дека постојат и разлики во податоците за број на корисници и одобрени/исплатени средства на корисниците кои се презентираат од различни надлежни институции. Постои отсуство на сеопфатен, меѓусебно усогласен и интегриран начин на водење на евиденција за одобрената и реализирана финансиска поддршка во Владата по мерки, како и неусогласен пристап за информирање по однос на реализацијата на мерките што ја намалува транспарентноста и отчетноста на надлежните институции во трошењето на средствата и не создава услови за мерење на ефектите од истите, нагласуваат од ДЗР.

По спроведената реализација на мерките за финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати, како што велат, УЈП има утврдено дека одреден број на работодавачи – корисници на поддршка немаат исплатено плата на вработените.

– Бројот на работодавачи кои не исплатиле плата до јануари 2022 година изнесува 135 за вкупно 435 вработени за износ на искористена поддршка од 6.317 илјади денари, што има за ефект ненаменско располагање со доделената финансиска поддршка. Ненавременоста и малиот опфат на спроведени теренски контроли од 0,53 отсто од доделениот износ на финансиска поддршка, начинот на избор на работодавачи за контрола, како и недоволната кадровска екипираност на институциите, создаваат ризик дел од работодавачите да искористиле средства од финансиска поддршка без исполнување на предвидени услови со уредбите и законите, посочуваат од ДЗР.

Според нив, утврдените недостатоци и постигнатите ефекти од мерките за финансиска поддршка на вработувањето и професиите погодени од здравствено-економската криза од Ковид-19 укажуваат дека е потребно подобрување на ефикасноста на надлежните институции во планирањето и спроведувањето на идните мерки за зачувувањето на работните места и намалување на економските последици од пандемијата.

Препорачуваат дека е потребно правно уредување на вонредна состојба и донесување на стратешки документи за справување со последиците во услови на пандемија; планирањето и носењето на мерките да се темели на извршени анализи и дефинирани индикатори за мерење на успешноста на мерките; воспоставување на сеопфатна и комплетна евиденција за одобрената и исплатена финансиска поддршка по мерки и усогласен пристап за информирање по однос на реализацијата на истите; водење на евиденција за вратена финансиска поддршка по корисници и мерки, и преземање на мерки за наплата на средствата по основ на издадени решенија за враќање на финансиската поддршка во буџетот на државата; и зголемен опфат на спроведени контроли кај корисниците на финансиска поддршка и мерење на ефектите од спроведените мерки.

За справување со последиците од кризата предизвикана од вирусот Ковид-19, Владата во периодот од 19.03.2020 до 20.04.2021 година има донесено шест пакети на економски мерки. Со ревизијата се опфатени планирањето и реализацијата на шесте пакети економски мерки донесени од Владата во 2020 и 2021 година во делот на мерките за финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување, финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати, финансиска поддршка за физички лица кои вршат самостојна дејност, паричен надоместок за сите лица што останале без работа од 11 март до 30 април 2020, како и мерки за поддршка на професиите погодени од здравствено економската криза – поддршка за спортистите, самостојните уметници и културни работници.