Ревизијата на Државниот завод за ревизија била спроведена на сметката за средства од програмите за здравствена заштита, сопственото учество на осигурените лица во цената на здравствените услуги, како и на други сопствени приходи.
Неповолно мислење за финансиските извештаи
„Изразивме неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2024 година“, се наведува во извештајот на ДЗР.
Ревизорите утврдиле повеќе слабости во работењето на Институтот, меѓу кои нецелосна евиденција за приемот и потрошувачката на медицински материјали, како и неевидентирање на приемот и потрошувачката на вакцини во деловните книги.
Побарувања од над 18 милиони денари без наплата
Дополнително, било констатирано дека пописот на побарувањата не бил извршен во целост. За побарувања во вредност од над 18 милиони денари, постари од три години, не биле преземени активности за нивна наплата.
Во извештајот се наведува и дека активностите предвидени со Националната годишна програма за јавно здравје за 2024 година не биле реализирани во целост. Исто така, не биле воспоставени сите законски предвидени регистри што се во надлежност на Институтот.
Слабости во набавки, договори и користење опрема
Ревизијата утврдила и слабости во дел од постапките за јавни набавки, неправилности поврзани со ангажирани лица по договор на дело, недоследности при издавање деловен простор под закуп, како и случаи на несоодветни исплати на плати и надоместоци.
Меѓу забелешките е наведено и дека дел од медицинската опрема не била ставена во употреба.
Од ДЗР потсетуваат дека и во претходна ревизија било изразено неповолно мислење за работењето на Институтот. При проверката на спроведувањето на препораките од претходниот извештај било утврдено дека дел од нив останале неспроведени или биле само делумно реализирани.
На извештајот забелешки доставиле поранешниот директор на Институтот, проф. д-р Шабан Мемети, како и актуелната в.д. директорка, научен соработник д-р Марија Андоновска. Од доставените забелешки, ревизорите прифатиле само една, додека останатите биле одбиени поради недостиг на дополнителни докази.
