Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго се шири со досега невидено темпо. За нешто повеќе од два месеци починале 1.033 лица, што, според светските агенции, е најбрзо достигнување на бројката од илјада жртви во историјата на регистрираните епидемии на оваа болест.
Од прогласувањето на епидемијата на 15 мај досега се потврдени 2.536 случаи, покажуваат податоците на Министерството за здравство на Конго. Стапката на смртност изнесува околу 40 проценти.
Сегашната епидемија се шири многу побрзо од големата епидемија во Западна Африка од 2014 до 2016 година. Тогаш биле потребни осум месеци за бројот на починати да достигне 1.000, додека во Конго оваа граница е надмината за нешто повеќе од два месеци.
Здравствените власти наведуваат дека ширењето го предизвикува ретката варијанта Бундибугио, за која во моментов нема одобрена вакцина ниту специфичен третман. Најголемиот број случаи се регистрирани во пет источни провинции на Конго, во близина на границата со Уганда.
Експертите предупредуваат дека бројот на заболени може дополнително да се зголеми. Многу пациенти доцна бараат медицинска помош, а дел од новозаразените претходно не биле идентификувани како контакти на веќе заразени лица.
Надлежните стравуваат дека врвот на епидемијата сè уште не е достигнат, што дополнително ја усложнува борбата со смртоносниот вирус.
