Во државата е регистриран еден сомнителен случај на морбили, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски. Станува збор за дете на возраст над една година, за кое во моментов сè уште се извршуваат детални лабораториски испитувања со цел прецизно утврдување на состојбата.

Досега во земјава има вкупно пет потврдени случаи на морбили, од кои четири лица се македонски државјани, додека едно лице е странски државјанин. Клековски нагласи дека надлежните службеници темелно епидемиолошки ги обработуваат сите случаи за да ги утврдат контактите и навремено да ги предупредат сите засегнати страни.

„Знам дека имаме зголемено ниво на вакцинирање. Имаме доволно вакцини, така што мислам дека на почетокот имавме речиси 15.000, има и други достапни количини“, посочи Клековски.

Министерот категорично демантираше дека Министерството за здравство или која било друга здравствена институција испратила насоки до Министерството за образование или до Министерството за социјална политика со барање за задолжителни потврди за вакцинација.

„Ниеден дел од здравствените власти нема испратено препорака до соодветните други установи, зборуваме за образование, за непримање деца. Нашето апелирање е до родителите дека со невакцинирањето ги изложуваат сопствените деца, бебињата, на ризик. Чинот на доброволност го нагласувам за да се избегнат моментите на постојните групи на антиваксери, кои сметаат дека ова е повторно некаков заговор за да ги тераме родителите да ги вакцинираат децата. Нема никаков заговор. Моите деца се вакцинирани кога било време да бидат вакцинирани, не отпосле. Апелирам до сите родители – нема подобра заштита за сипаници од вакцинацијата. Сите заедно како општество треба да се вклучиме со јасна волја дека ова е единствен начин да спречиме епидемија и дека сите треба да направиме чекор кон тоа. Нема потреба да се закануваме, да присилуваме, да се фалсификуваат потврди и што ли уште не да се прави“, додаде Клековски.