Министерот за здравство Сашо Клековски најави покренување иницијатива за отпочнување разговори со фармацевтските компании за воведување на адреналин за самоинјектирање на македонскиот пазар. Одлуката доаѓа како одговор на потребите за брзо интервенирање при тешки и животозагрозувачки здравствени состојби кај пациентите.
Одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката Валбона Адили Емини во законодавниот дом, ресорниот министер потенцираше дека во земјата сè уште нема официјално регистриран ваков медикамент, за разлика од Грција каде што веќе се достапни неколку сертифицирани производи. Лекот е од суштинско значење за итна медицинска интервенција при анафилактички шок и акутни алергиски реакции.
„Како министер за здравство можам да иницирам со фармацевтските куќи дали има интерес за регистрација во Македонија, бидејќи постои законска регулатива за регистрација на лекови преку МАЛМЕД и да го поттикнеме тој интерес“, рече Клековски.
Во врска со можноста медикаментот да се најде на позитивната листа на лекови, министерот појасни дека постапката бара официјално барање од производителот или овластениот застапник со гаранција за непречена дистрибуција.
„Друго прашање е употребата. Во некои земји е предвидена употреба во градинки, училишта, бидејќи нели, станува збор за заштита на деца, а родителите не го поминуваат целото време со децата, меѓутоа начинот на употреба мора да помине низ еден процес на регулирање со протоколи, со обука на сите инволвирани страни за употреба на адреналинот за самоинјектирање“, додаде Клековски.
Клековски подвлече дека уредите за самоинјектирање имаат фабрички приспособена доза што спречува ризик од несакани последици кај граѓаните, што ги разликува од класичните ампули чие аплицирање бара исклучиво стручно медицинско лице.
