Албанскиот премиер Еди Рама, на настанот по повод воспоставувањето на системот „Едно застанување“ на граничниот премин Ќафасан меѓу Македонија и Албанија, порача дека новиот начин на функционирање ќе ги поедностави граничните процедури и ќе ја зајакне довербата меѓу двете земји.

Осврнувајќи се на досегашните контроли на границата, Рама направи споредба со новиот систем, кој треба да донесе поефикасно движење на патниците и стоката.

„Ние имаме еден израз на албански јазик, не знам дали вие го имате на македонски: верувај, но и контролирај. Досега на овој граничен премин бевме контролирај, контролирај, но сега ќе бидеме верувај и контролирај“, рече Рама.

Тој нагласи дека воспоставувањето на системот е уште еден чекор во соработката меѓу двете соседни земји и нивното приближување кон Европската Унија.

Албанскиот премиер се осврна и на заедничките инфраструктурни проекти, особено на Коридорот 8, оценувајќи дека тој е значаен не само за евроинтеграциите и НАТО, туку и за подобро поврзување и зајакнување на соработката меѓу двете држави.

Рама им се заблагодари на институциите и вработените кои придонеле за реализацијата на проектот „Едно застанување“, додавајќи дека истиот модел треба да биде воведен и на другите гранични премини.