Ѕвездата Бетелгез, црвен суперџин и вообичаено 10-та најсветла ѕвезда на ноќното небо, накратко ќе исчезне на 12 декември. Ова небесно тело во соѕвездието Орион ќе го крие астероидот 319 Леона, кој гледано од Земјата ќе помине пред него, пишува LiveScience.

Овој настан ќе трае само 12 секунди, но астрономите се надеваат дека ќе биде доволно да се направи мапа на површината на оваа џиновска ѕвезда, која има прилично чудно однесување.

Исклучително ретко се случува една од најсветлите ѕвезди на ноќното небо да биде блокирана од астероид.

Иако астероидот е мал, ќе успее да го сокрие најголемиот дел од ѕвездата, но само ограничен број луѓе ќе можат да го видат.

Настанот ќе биде видлив само во тесен опсег во Азија, јужна Европа, јужниот дел на САД и источно Мексико.

Кога станува збор за Балканот, добар дел ќе се најде во тој тесен појас, па овој неверојатен настан ќе може да се набљудува од Грција и Албанија.

Затемнувањето на Бетелгез ќе биде видливо во 2:17 часот на 12 декември, по средноевропско време.