-Како резултат на пандемијата КОВИД-19, образованието главно се одвиваше преку учење на далечина. Министерството за образование усвои нови протоколи и упатства за рационализација на наставните програми и поддршка на училиштата и наставниот кадар во имплементацијата на комбинираниот модел на настава. Нов концепт за развој на систем за учење на далечина во основно и средно образование беше усвоен во јули 2020 година и беше развиена национална платформа за поддршка на учењето на далечина, се посочува во Извештајот на ЕК.
Констатира дека спроведувањето на целите од Стратегијата за образование 2018-2025 напредува бавно, како и имплементација на соодветен систем за мониторинг. Препораките од минатогодишниот извештај се само делумно обработени и остануваат да важат.
Во наредната година Македонија треба особено да се посвети на спроведување на стратешката рамка за образование, пред се на целите за предучилишно образование и реформа за стручно образование и обука, на подобрување на поддршката за обука и професионален развој на наставниците и обезбедување ефективен процес на оценување, да се подобри пристапот до квалитетно образование за сите, особено за децата со попречености и за децата Роми, како и да се зголеми запишувањето во предучилишна возраст.
Во Извештајот на ЕК се нотира донесувањето на новиот Закон за основно образование и неговата примена од учебната 2019/2020 година, со кој се обезбедува основа за инклузивно и квалитетно образование. Ја спомнува и новата Концепција за основно образование што МОН ја усвои во март годинава која, како што се наведува, ја нагласува инклузивноста, родовата сензитивност/еднаквост и интеркултурализмот како клучни принципи.
Во однос на усвоениот концептот за инклузивно образование од јули 2020 година, извештајот нотира дека се формирани инклузивни тимови во основните и средните училишта и се изготвени индивидуални образовни планови за учениците со попреченост. Обезбедени се средства за 323 образовни асистенти во училиштата, а за да им се олесни пристапот на овие ученици се прават и реконструкции и инфраструктурни проекти. Се доделуваат стипендии за нив, како и за ромски деца. ЕК посочува дека се ангажирани ромски образовни медијатори за поддршка на учениците Роми во основното образование на локално ниво, а се зголемува и процентот на студенти Роми запишани во високообразовните институции во последните три години, од 42 на 48 отсто.
Европската комисија во годишниот извештај ги нотира и слабите резултати на меѓународното тестирање по математика (ТИМСС) за 2019 година, кои беа презентирани во декември 2020, според кои земјава беше рангирана на 45-то место по математичка писменост и на 51-во за природните науки меѓу 58 земји што учествуваа.Наведува и дека земјава ги продолжила подготовките за учество на ПИРЛС-тестирањето во 2021 и за новото ПИСА-тестирање кое од 2021 е одложено за 2022 година.
Укажува и на измените на Законот за стручно образование и обука и дека реформирана четиригодишна програма се спроведува низ сите училишта во земјата. Основањето три регионални центри за стручно образование и обука, според ЕК, се очекува да ја подобри ефективноста на реформата за стручно образование.
Исто така, се спомнува и новиот Закон за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, усвоен во октомври 2020 година.
Иако е постигнат одреден напредок во однос на предучилишното образование, нивото на запишување останува ниско, што се должи и на пандемијата. Само 45 отсто од децата од три до шест години се запишани во лиценцирани образовни институции во 2020-2021 година, што е благ пораст во споредба со претходната година. Изменет е Правилникот за стандарди и норми за предучилишно образование со цел да се подобри пристапот и вклученоста на децата со посебни потреби во јавните и приватните институции.
Останува низок процентот на запишани во високото образование, бројот на студенти запишани на прва година студии се намалува во последните три години.
ЕК посочува и дека Македонија продолжува активно да учествува во програмата Еразмус+ и во Европскиот солидарен корпус и дека Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ја подготви и потпиша програмата за работа за новиот програмски период 2020-2027 година. Нашата земја, како што е наведено во Извештајот, изразила подготвеност повторно да се придружи на Еразмус+ како придружна трета земја за програмскиот период 2021-2027 година. Формалното здружување се очекува да биде завршено во втората половина на 2021 година.