МИА денеска побара реакција од Европската Комисија откако бугарскиот претседател Румен Радев вчера од Словенија изјави дека очекува 120 илјади граѓани да бидат попишани како Бугари во Македонија.

–Повеќе од 120.000 граѓани на Република  Македонија се и граѓани на Република Бугарија, врз основа на нивнa изрично изразена волја и на претставени објективни документи за потекло. Други десетици илјади го чекаат својот бугарски пасош и очекуваме таа реалност да биде отсликана и при пребројувањето на населението во Република С Македонија, изјави Радев.

Портпаролката на Европската Комисија, Дана Спинант, не сакаше да одговори специфично за случајот со Северна Македонија, но потсети на принципиелната позиција на Европската Комисија.

-Никогаш не е прифатливо една земја да и диктира било што на друга земја, рече Спинант, и додаде дека во случајот со пописот во  Македонија доколку станува збор за методолошки прашања, Европската Комисија не коментира, но сака да се реши спорот со Бугарија што поскоро.

Спинант истакна дека претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера од самитот во Брдо, уште еднаш побара надминување на овој билатерален спор за да можат да започнат преговорите помеѓу ЕУ и  Македонија.

-Сакаме да се реши ова билатерално прашање поради кое Бугарија не прифаќа одржување на првата меѓувладина конференција со С. Македонија, рече портпаролката.

Фон дер Лајен вчера се сретна со премиерот Заев и бугарскиот претседател Радев во присуство на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел и словенечкиот премиер, Јанез Јанша.

-Тоа беше темата, да им се даде поттик на двете земји, за нас е многу важно да се изнајде решение за да не се одложи процесот, не коментираме затоа што разговорите меѓу двете страни продолжуваат, вели портпаролката на Европската Комисија, Дана Спинант.