Претставници на Европската комисија одржаа состанок со претставници на европските аеродроми и авиокомпании за имплементацијата на новиот систем за влез/излез (EES), откако се појавија долги редици и чекања на некои гранични премини и аеродроми.

За време на состанокот, претставниците на воздухопловната индустрија побараа поголема флексибилност во имплементацијата на системот, имено можноста за привремено олеснување на биометриските проверки на најпрометните гранични премини во текот на летната сезона.

Европската комисија не го прифати предлогот, тврдејќи дека различните правила на поединечните гранични премини би ја поткопале униформната примена на EES во Шенген зоната и би можеле да предизвикаат дополнителни проблеми за патниците.

IATA соопшти дека патниците доживуваат доцнења и пропуштени конекции во Португалија, Шпанија, Италија, Грција и Белгија, додека Ryanair минатата недела предупреди на големи застои на аеродромите, вклучувајќи ги и популарните туристички дестинации Аликанте, Малага и Палма. Претставниците на ЕУ велат дека е невозможно системот да биде отворен во некои земји, а не во други.

Според „Фајненшл тајмс“, ЕУ размислува за одложување на воведувањето на системот ETIAS. Сепак, официјалниот портал ETIAS сè уште наведува дека системот треба да почне да работи во последниот квартал од 2026 година, со напомена дека конечниот датум ќе биде објавен неколку месеци однапред.

Европската комисија објави дека од целосното спроведување на EES, регистрирани се околу 110 милиони влезови и излези, додека на повеќе од 44.500 лица им е спречен повторен влез во Шенген зоната поради пречекорување на дозволениот престој или користење лажни патни документи. Тие проценуваат дека овие бројки ги покажуваат првите безбедносни придобивки од новиот систем.

Во исто време, Комисијата признава дека значително подолго време на чекање за патниците е забележано на околу 20 гранични премини, но наведува дека EES се применува на околу 1.500 гранични премини и дека се одвива без поголеми проблеми на повеќето од нив.

За граѓаните на Македонија не се менуваат условите за влез во Шенген зоната. И понатаму важи правилото за краткорочен престој до 90 дена во период од 180 дена. Но, при влез и излез од Шенген, патниците ќе мора да поминат низ нова регистрација која вклучува:

скенирање на пасошот;
фотографирање на лицето;
земање отпечатоци од прсти при првата регистрација;
дигитално евидентирање на влезот и излезот.