Европската комисија предложи нова стратегија за побезбеден интернет за децата и објави предлог за регулатива за заштита на децата од сексуална злоупотреба.

– Сите деца треба да бидат заштитени, поддржани и почитувани на интернет. Со оваа стратегија поставуваме високи безбедносни стандарди и промовираме зајакнување на положбата на децата и нивното активно учество во дигиталната деценија насекаде низ светот, изјави Дубравка Шуица, потпретседател за демократија и демографија.

– Со новата стратегија, сакаме да им овозможиме на децата пристап до дигитални уреди и вештини, особено на ранливите деца, да се бориме против злоупотребата на интернет и да ги заштитиме сите деца од штетна и нелегална содржина на интернет, рече извршната потпретседателка на Комисијата, Маргрете Вестагер.

Во стратегијата, Комисијата најави дека ќе го олесни развојот на код на Унијата за дизајн соодветен на возраста и ќе побара европски стандард за проверка на возраста на интернет до 2024 година.

Комисијата ќе организира кампањи за медиумска писменост за децата, наставниците и родителите преку мрежата на центри за побезбеден интернет, што е столбот на стратегијата. Модули за наставници ќе бидат понудени и на порталот betterinternetforkids.eu. Мрежата на центри за побезбеден интернет во земјите-членки, активни на национално и локално ниво, ќе ја зголеми поддршката за ранливите деца и ќе им помогне да го надминат проблемот со јазот во дигиталните вештини.

Покрај стратегијата, Комисијата објави и предлог за регулатива на ЕУ за заштита на децата од сексуална злоупотреба. ЕК наведува дека се потребни јасни правила, со строги услови и заштитни мерки за ефикасно справување со злоупотребата на онлајн услугите со цел сексуална злоупотреба на деца. Предложените правила ги обврзуваат давателите на услуги да откријат, пријават и отстрануваат материјал за сексуална злоупотреба на деца на нивните услуги. Давателите ќе треба да го проценат и ублажат ризикот од злоупотреба на нивните услуги, а преземените мерки мора да бидат пропорционални на тој ризик и да подлежат на строги услови и заштитни мерки..

Предлогот ќе треба да биде одобрен од Европскиот парламент и Советот.