Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски детално ги отфрли наводите дека се укинува вториот пензиски столб. Реакцијата следува по информациите во јавноста за предлогот за бришење на членот 120, со кој се регулира стапката и уплатата од шест проценти во вториот пензиски столб.

„Не се укинува вториот пензиски столб. Со предложените измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување не се укинува ниту вториот пензиски столб ниту придонесот што се уплаќа во него. Станува збор за законско и техничко усогласување на регулативата. Со член 17 од Предлог-законот, кој е објавен на ЕНЕР, се предлага бришење на член 120 од постојниот закон кој ја регулира стапката на придонесот за вториот пензиски столб. Но, тоа не значи дека придонесот се укинува или дека се укинува вториот пензиски столб“, наведува Велковски.

Министерот објаснува дека нормативното уредување на ова прашање преминува во рамките на Законот за задолжителни социјални придонеси. Таму систематски ќе се дефинираат и координираат сите аспекти поврзани со задолжителните социјални давачки.

„Значи, вториот пензиски столб продолжува да постои, а придонесот продолжува да се уредува со закон. Станува збор за пренесување на законската одредба во друг закон, а не за укинување на пензискиот столб“, појаснува Велковски.