На денешниот редовен брифинг на Европската комисија за новинарите се покрена прашањето за укинувањето на рестрикциите за патување поради Ковид-19, Комисијата инсистира дека тие не го загрозуваат безвизниот режим со регионот.
Европската Комисија го поздрави подобрувањето на епидемиолошката состојба во повеќето земји од западниот Балкан, но потсети дека крајната одлука за целосно укинување на забраните за патување ја носат земјите членки на ЕУ, а не Европската Комисија.
Што се однесува до одлуките за тоа кои земји треба да бидат вклучени тие ги носат Советот, Советот применува низа критериуми, не само кумулативниот број на случаи туку и тенденциите, стапките на тестирање, стапките на позитивност, сеопфатниот одговор на Ковид-19, тоа не е механичка проценка, повеќе е глобална, квалитативна проценка и целосно им припаѓа на земјите членки кои го прават тоа секои две недели – изјави Адалберт Јанз, портпарол за внатрешни работи на Европската Комисија.
Од Комисијата порачаа дека ситуацијата е веќе подобрена и дека лицата кои се целосно вакцинирани најмалку 14 дена со вакцина одобрена во ЕУ можат слободно да патуваат согласно условите на безвизниот режим како порано, но дека целосно укинување на рестрикциите ќе има кога земјите членки ќе проценат дека епидемијата е под контрола.
Во ниеден случај тоа не го доведува самиот безвизен режим со западен Балкан во опасност, рече портпаролот.
Не станува збор за доведување во прашање на нашите заложби кон Западниот Балкан, вклучително и безвизното движење, далеку од тоа, станува збор за спречување на пандемијата, дури и внатре во ЕУ и натаму имаме рестрикции и контроли на границите, рече портпаролот и додаде дека е прашање на трпение.