Економијата на еврозоната во вториот квартал од 2026 година пораснала за 0,4 проценти во однос на претходните три месеци, над очекувањата на аналитичарите. На годишно ниво растот забрзал на еден процент, двојно повеќе од прогнозираните 0,5 проценти, поттикнат од инвестициите во инфраструктура за вештачка интелигенција, зголемената државна потрошувачка и поотпорната домашна побарувачка.

Најголем придонес кон растот имале инвестициите, особено во технолошка инфраструктура, додека потрошувачката на домаќинствата останала постабилна од очекуваното. Европските влади истовремено ги зголемувале вложувањата во одбраната и инфраструктурата, што дополнително ја поддржало економската активност.

Меѓу најголемите економии во еврозоната, Германија, Франција и Италија забележале квартален раст од по 0,2 проценти. Шпанија повторно го предводела блокот со раст од 0,7 проценти, додека економијата на Холандија пораснала за 0,4 проценти, двојно повеќе од очекувањата на аналитичарите.

Позитивно изненадување била и индустријата, која и покрај високите цени на енергијата избегнала нов пад и придонела кон вкупниот економски раст. Подобри од очекуваното биле и показателите за расположението во индустријата и услужниот сектор.

Економистите, сепак, предупредуваат дека дел од забрзувањето може да биде привремено, бидејќи врз резултатите влијаеле и еднократни фактори, меѓу кои промените во трговските текови и зголемената побарувачка поради стравувањата од можен недостиг на производи. Невработеноста во еврозоната во јуни останала стабилна на 6,3 проценти.