Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека Соединетите Американски Држави продолжуваат да ја условуваат економската соработка со претходно решавање на украинското прашање. Во своето редовно обраќање до медиумите тој посочи дека специјалниот претседателски претставник Кирил Дмитриев сè уште остварува контакти со американски претставници, но Вашингтон инсистира прво да се постигне договор за Украина.

Според официјална Москва, ваквото одложување претставува пропуштена шанса за економски бенефит кој не би требало да биде заложник на политичките спорови. Песков сепак нагласи дека одржувањето на комуникациските канали и самиот дијалог меѓу претставниците претставува позитивен процес за двете страни.

„За жал за нас, и покрај очигледните придобивки, Американците продолжуваат да го поврзуваат целиот овој процес со решавање на украинското прашање. Тие велат дека прво мора да се постигне договор, а проектите можат да се спроведат само потоа. Веруваме дека не мора да чекаме. Веќе можеме да работиме за взаемна корист сега. Контактите сè уште продолжуваат, како и дијалогот, и ова е многу позитивен процес“, вели Дмитриј Песков.

Говорејќи за актуелните состојби на теренот, портпаролот оцени дека не постои никаков напредок во преговорите со Киев и упати обвинувања кон европските земји за блокирање на мировниот дијалог. Според неговите зборови, европските партнери не прават чекори кон создавање услови за продолжување на официјалниот преговарачки процес.

Песков остро ја критикуваше и намерата на Европа да изгради сопствен безбедносен идентитет наместо да работи на деескалација и смирување на тензиите. Во истиот контекст беа поставени и руските предупредувања за можни блокади на Калининград, кои беа оценети како директна последица од забрзаната милитаризација на европскиот континент.