Соединетите Американски Држави одбиле украинско барање за одреден вид оружје бидејќи процениле дека украинските сили немаат соодветна опрема за негово користење, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Во интервју за магазинот „Тајм“, Трамп посочи дека станува збор за „многу моќно оружје“, но не откри за каков вид оружје или муниција станува збор.
„Постои муниција што претседателот Зеленски не би ја прифатил, а се работи за многу моќно оружје. Не ја прифатил бидејќи нема авиони и сè останато што е потребно за таква муниција“, изјави Трамп.
Американскиот претседател не објасни за какво оружје станува збор. Тој не појасни ниту зошто Киев би го побарал доколку, според неговите тврдења, нема соодветни авиони и друга опрема потребна за негова употреба.
Трамп во последните денови упати и други критики кон Украина. Тој го обвини Киев дека со нападите врз руските нафтени постројки придонесува за растот на цената на дизелот.
Според Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски одбил да го намали интензитетот на нападите врз руските нафтени капацитети.
„На цената на дизелот многу повеќе влијае она што се случува во Русија отколку ситуацијата на Блискиот Исток. Руските рафинерии престануваат со работа со брзина што ги загрижува луѓето“, рече Трамп.
Тој додаде дека нападите врз руските рафинерии претставуваат сериозен проблем бидејќи во нив се преработуваат големи количества гориво. Трамп оцени дека растот на цената на дизелот е прашање поврзано со случувањата во Русија, а не со состојбата на Блискиот Исток.
