Економскиот напредок на Македонија, ефективното владеење на правото и подобрата координација во партијата и Владата беа меѓу темите на тридневниот настан организиран во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски се заблагодари за организирањето на настанот, на кој учествуваа извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, членови на Владата, министри и заменици министри предложени од партијата.
„Би сакал да се заблагодарам на Фондацијата “Конрад Аденауер”, за овој прекрасен настан којшто го имаме овие три дена со извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, членовите на Владата, министрите и замениците министри кои што се предложени од ВМРО-ДПМНЕ.“
Николоски нагласи дека ефективната комуникација е важна за доброто владеење, но и за усогласување на различните структури во партијата и институциите.
„Ефективната комуникација е најзначајна за едно добро владеење, она што се наши политики да можеме добро да ги презентираме пред граѓаните, но истовремено да имаме една добра синергија и една добра комуникација помеѓу нас, помеѓу различните структури во партијата, Извршниот комитет, општинските комитети, Унијата на млади сили, Унијата на жени, и секако пратеничката група и Владата, како би можеле заеднички да ги креираме овие политики.“
Тој упати благодарност и до Кристијан Серак, кој, како што наведе, специјално дошол за настанот и одржал обука за учесниците.
„Би сакал да се заблагодарам на Кристијан Серак, којшто специјално дојде за овој настан, и за тоа што прави една прекрасна обука за сите нас, има доста да се научи и доста работи кои се иновативни.“
Николоски оцени дека ваквите активности се дел од настојувањето на ВМРО-ДПМНЕ да ја одржува партиската организација и покрај тоа што ја има власта.
„Ова е начин на којшто ВМРО-ДПМНЕ се обидува да остане во една добра форма, во кондиција, ова покажува дека и тоа што сега сме на власт, ја водиме државата, не не одлепува од партијата, напротив посветуваме доста време и енергија на организација на партијата и ќе продолжиме тоа да го правиме во следниот период, а со цел економски напредок на Македонија, ефективно владеење на правото и повеќе успеси за државата.“
