Македонската алијанса за европска интеграција најостро ги осуди активностите на бугарските власти во Пустец на 11 и 12 септември. Од партијата обвинуваат дека под превезот на медицинска помош се спроведуваат политичка пропаганда и негирање на македонскиот идентитет.
Според МАЕИ, Бугарија испратила медицинска екипа од Софија во Пустец со воен транспортен авион. Во активноста биле вклучени бугарските министерства за надворешни работи, здравство и одбрана, а заедно со медицинските екипи пристигнале и бугарски пратеници од различни политички партии.
Од МАЕИ оценуваат дека токму изјавите на пратениците ја откриваат политичката димензија на посетата. Според партијата, бугарските претставници јавно порачале дека политичките партии во Бугарија се обединети кога станува збор за жителите на Албанија кои тие ги нарекуваат „Бугари“.
„Зошто за медицински прегледи во Пустец е потребен воен транспортен авион, бугарски пратеници и државна делегација од Софија?“, прашуваат од МАЕИ.
Од партијата додаваат дека посетата повеќе не личи на обична медицинска хуманитарна активност. Тие тврдат дека во Пустец имало засилено полициско присуство, бугарски претставници кои демонстративно се движеле низ општината и бугарски знамиња поставени во просториите на медицинскиот центар.
„Пустец личи на воена зона, со засилено полициско присуство, бугарски емисари кои демонстративно се движат низ општината и се однесуваат како освојувачи на Пустец и со бугарски знамиња поставени во просториите на медицинскиот центар. Но, Пустец не е Бугарија. Пустец е во Република Албанија, а неговите жители се Македонци“, се наведува во соопштението.
МАЕИ особено го осуди однесувањето на бугарските претставници, обвинувајќи ги дека во јавноста отворено ги негираат Македонците во Пустец и ги прогласуваат за Бугари.
„Ниту една медицинска услуга не може да биде оправдување за негирање на идентитетот на македонската заедница. Здравјето на луѓето не смее да биде инструмент за асимилација и политичка пропаганда“, порачаа од партијата.
Во соопштението се тврди дека медицинскиот персонал во Пустец првично не сакал да ги прими бугарските претставници, но под притисок од Регионалниот медицински центар во Корча бил принуден да им ги отстапи просториите.
Од МАЕИ ја критикуваа и Општина Пустец поради логистичката поддршка за бугарските претставници, посочувајќи дека станува збор за претставници на држава чии институции, според партијата, јавно тврдат дека Македонците во Пустец се Бугари.
„Наместо да застане во заштита на своите граѓани и нивниот идентитет, локалната власт ги пречекува бугарските претставници со девојчиња во народни носии, леб и сол“, се наведува во соопштението.
МАЕИ нагласува дека Општина Пустец се наоѓа во Република Албанија и дека за секоја потреба на жителите, од инвестиции и инфраструктура до здравствени и социјални услуги, локалната власт првенствено треба да се обраќа до албанската Влада.
„Ние сме лојални граѓани на Албанија, ги почитуваме нејзините закони и плаќаме даноци во оваа држава. Затоа не прифаќаме Пустец да биде претворен во полигон за реализирање на туѓи национални политики“, велат од МАЕИ.
Од партијата потенцираат дека Пустец не смее да биде сцена на бугарска пропаганда, а Македонците што живеат таму не смеат да бидат статисти во туѓа национална политика.
МАЕИ оценува дека Македонците во Албанија се оставени сами и дека недостасува јасна и одлучна реакција од албанските институции, кои, според партијата, дозволуваат ваквите активности да се одвиваат на територијата на Албанија.
Партијата ја повика Владата на Република Албанија да не дозволи територијата на земјата и нејзините институции да бидат инструментализирани за негирање на идентитетот на македонската заедница.
Истовремено, МАЕИ побара и Владата на Република Македонија да ја сфати сериозноста на ситуацијата. Од партијата тврдат дека Бугарија има јасна државна политика и целосен политички консензус за асимилација на Македонците во Албанија, додека Македонија нема ниту стратегија ниту сериозна државна политика за заштита на македонската заедница во земјата.
Поради тоа, МАЕИ бара македонските институции итно да изработат државна стратегија за заштита на Македонците во Албанија и прашањето за македонската заедница да престане да се третира како партиско, наместо како национално прашање.
„Македонците во Пустец не се Бугари. Пустец не е бугарски протекторат. Нашето здравје не е алатка за асимилација“, порачаа од Македонската алијанса за европска интеграција.
